
Шпекулации на социјалните мрежи и порака до медиумските редакции – да се истражи случајот за смрт на млада штипјанка во Скопје. Откако темата се отворила на социјалната мрежа „твитер“, реакциите на корисниците беа испратени и до нашата редакција. Информации за споменатиот настан не пронајдовме во официјалните дневни полициски билтени на Министерството и Секторите за внатрешни работи, па прашањата ги упативме директно до Министерството. Оттаму потврдуваат дека таков настан има, но за повеќе информации нѐ упатија до ОЈО Скопје.
„Ве информираме дека во врска со споменатиот настан од страна на СВР Скопје се преземени сите истражни мерки по што е доставено писмено известување до ОЈО Скопје. За повеќе информации потребно е да се обратите до ОЈО Скопје.“ – стои во писмениот одговор од МВР.
Од ОЈО Скопје, пак, потврдија дека споменатиот настан е самоубиство, а апелираа и да не се шпекулира во врска со мотивите и сведоците на настанот имајќи предвид дека станува збор за сензитивен настан кој предизвикал болка и траума на семејството на починатата.
„Веднаш по настанот, по насоки на дежурен јавен обвинител, увид на лице место изврши увидна екипа од СВР Скопје. Изготвен е записник, а до Основното јавно обвинителство Скопје е доставено известување за настан – самоубиство на девојка на возраст од 25 години од Штип. Преземени се сите дејствија, издадена е наредба за обдукција на починатата, а извршени се и разговори со директни очевидци на настанот, при што ниту еден од доказите до овој момент не упатуваат дека смртта е резултат на кривично дело. Со оглед на тоа што се работи за сензитивен настан – самоубиство, апелираме да не се шпекулира во врска со мотивите и сведоците на настанот, пред сѐ имајќи ја предвид болката и траумата на семејството на починатата.“ – одговорија од ОЈО Скопје.
Ребека Спасова М-Нет