Активности за реконструкција и во штипските училишта – подготовки за новата учебна година

Училиштата во Штип и остатокот од државата со реконструктивни активности пред почетокот на учебната година. Во ООУ „Димитар Влахов“ се работи на реконструкција на тоалетите, а во штипската Медицина од утре ќе започне промената на прозорци. Активности ќе има и во подрачното основно училиште во населбата Три чешми, но и во другите училишта. За дел од активностите се одвоени финансиски средства од општинскиот Буџет, а друг дел се преку блок-дотациите на МОН, велат од Одделението за образование.

„Во СОУ „Јане Сандански“ – Штип од утре започнуваме со промена на ПВЦ-столаријата, промена на старите прозори со нови. Освен ПВЦ-столаријата, предвидени се и други активности околу реконструкција. Тоа се средства коишто ни се доделени од страна на Општината во делот на капиталните инвестиции. Ќе има промена на останатиот дел од оградата на училиштето и реконструкцијата на дел од дворното уредување на училиштето“, вели Марија Николиќ, директорка на СОУ „Јане Сандански“ – Штип.

Од МОН, пак, посочија дека активностите завршуваат во 55 училишни објекта кои се дел од акцискиот план за оваа календарска година. Се инвестираат над 4,5 милиони евра од Буџетот на Министерството преку Одделението за капитални инвестиции, Проектната единица за изградба на 145 спортски сали и рехабилитација на училишни објекти и Проектната единица за унапредување на основното образование.

„Во 40 училишни објекти во повеќе општини во државата се изведуваат градежни активности за подобрување на енергетската ефикасност, унапредување на санитетско – хигиенските услови и пристапноста за учениците и лицата со попреченост. За оваа намена, финансиска поддршка е обезбедена од Светската банка која го финансира спроведувањето на Проектот за унапредување на основното образование. Во 15 други училишта пак, преку Одделението за капитални инвестции во МОН и проектот за изградба на спортски сали и рехабилитација на училишни објекти се врши поставување на нова или санација на постојната кровна конструкција, реконструкција на фасада, обнова на кабинетски простории, замена на столарија и слично. Се работи за проекти со кои локалните самоуправи аплицирале на повиците на Министерството за обезбедување поддршка и истите се прифатени како приоритетни за реализација.“ – велат од МОН.

Од таму потсетија дека минатата година за оваа намена бил обезбеден буџет од над 16 милиони евра и истиот бил реализиран над 94%.

Ребека Спасова М-Нет