
Се реализираат активностите за изградба на главната водоводна линија 2 во Штип. Рокот за изградба е до крајот на годината, но истиот и да се запази, проектот ќе биде мртов оти главната водоводна линија нема да биде целосна и нема да биде ставена во употреба. Главниот надзорен инженер, Љубомир Терзиоски, денеска на увидот посочи дека активностите се реализираат без престан, со некои недостатоци кои во текот на изградбата ќе бидат отклонети.
„Се надеваме ние дека ќе ни излезат во пресрет луѓето што ги обезбедуваат овие пари од ТАВ од Владата на Република Македонија за да се истера проектот до крај, зашто ваков проект како проект е мртов. И мислам дека ќе се излезе во пресрет за да се задоволат барањата на луѓето. Секако, Штип како град го заслужува ова, бидејќи и аеродромот требаше да биде во Штип, треба тука да се дадат пари, според мое мислење“, истакна Љубомир Терзиоски, главен надзорен инженер.
Од целосниот проект во моментов се гради само дел од цевководот, а недостасуваат финансии за остатокот и за главниот резервоар. Претходно ова беше предвидено во финансиската рамка, но парите ги изеде инфлацијата. Градоначалникот, Иван Јорданов, посочи дека ќе побараат од ТАВ и изведувачот да се обезбеди остатокот од парите.
„Проект којштот треба да обезбеди чиста вода за пиење за населбата Мери, Плуждино и Индустриската зона Плуждино. Од она коешто денеска може да го погледнеме со надзорот е дека ние како Локална самоуправа од првично предвидените 3,5 метри цевковод, планирано е да се вгради 2,4 километри цевковод, односно 950 метри цевковод недостасуваат за да самиот проект има употребна вредност и дополнително од проектот е изоставен главниот резервоар Мери, којшто треба да служи за водоснабдување и ставање во употреба на главната водоводна линија“, истакна Јорданов.
Инаку, проектот се реализира со пари добиени преку ТАВ програмата, од каде од 35 милиони евра за карго-аеродромот во Штип, на Општината ѝ беа доделени само 1,2 милиони евра.
Ребека Спасова М-Нет