
Мирни протести и најава за помасовни, пензионерите од земјава и денеска бараат линеарно покачување на пензиите. Ама додека се обидуваат, како што велат, да си обезбедат подобри услови за живот, во медиумите се појавија информации дека може да останат и без пензиите коишто ги добиваат оти државата доцнела со исплатите кон банките. Министерството за труд и социјална политика денеска ги демантираше овие тврдења и посочија дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не бил во криза.
„Изминатите години нема ниту еден ден доцнење на исплатата на пензиите, а растот на истите е континуиран и јасно забележлив. Трансферите кон ПИОМ се навремени и сигурни, дури и во време на Ковид пандемијата, кога започна првата предвремена исплата на пензиите. Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година и воведувањето на новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата и 50% пораст на трошоци на живот пензиите пораснаа за околу 21 %. Првото усогласување во септември 2022 година беше 6.8%, второто во март 2023 година – 8.4% и моменталната проекција за септември 2023 година- најмалку 6 отсто. Ниту едно од овие зголемувања не ја загрози стабилноста на Фондот, ниту ја поремети редовната исплата на пензиите.“ – стои во соопштението од МТСП.
Во однос на протестите, од таму додадоа дека предлозите од пензионерите се на маса, се дискутира за истите и велат дека во најскоро време ќе продолжат со промоција на нови мерки и пакети кои ќе осигурат достоинствен живот на пензионерите. Апелираа да не се креира страв и да не се манипулира со недостатокот на информации, а со цел да се обезбеди масовност на протестите кои се политички обоени.
Ребека Спасова М-Нет