Пелетите, можеби, нема да поскапат, најавено задржување на стапката на ДДВ од 5%

Цената на пелетите, можеби, нема да биде нов удар врз џебот на граѓаните. Пратеничките групи поднесуваат амандмани за задржување на ДДВ-то на пелетите на 5%, а вицепремиерот Битиќи денеска од Виница посочи дека како Влада се отворени да прифатат добар предлог. Ако ДДВ-то не се врати на 18%, тоа за граѓаните кои го користат овој ресурс за затоплување би значело заштеда од најмалку 6.000 денари по домаќинство.

„Што се однесува до пелетите, ние кажавме дека сметаме дека пелетите се едно од огревните производи коишто ги користи населението. Ние сме отворени како Влада да дадеме позитивно мислење и за 5%, без разлика од кого доаѓа предлогот. Ако има подобар предлог од некои пратеници, зошто да не го направиме тоа, затоа што докажавме дека во ек на кризи не сакаме да изостане ниту еден наш граѓани за да помалку се почувствува влијанието на кризата“, вели Битиќи.

На зголемувањето на ДДВ-то реагираа здруженијата, кои најавија дека доколку не се прифати барањето стапката на ДДВ да остане 5%, ќе излезат на протести пред Министерството за финансии.

Поскапувањето на цената од 13%, значи за 2.000 до 2.500 денари повеќе по тон. Ако едно домаќинство во текот на грејната сезона троши од три до четири тони пелети, кои би чинеле околу 60.000 денари, со поскапувањето би требало да издвојат околу 66.000 денари.

Во земјава пелети користат околу 50.000 домаќинства, а преходно Владата со субвенции ги стимулираше домаќинствата да го сменат начинот на затоплување, односно да ги заменат печките на дрва и на јаглен со печки на пелети.

Ребека Спасова М-Нет