Ќе го решат ли подземните контејнери проблемот со комуналниот отпад во Штип?

Штипјани сѐ уште ги чекаат подземните контејнери, Општината посочува дека нив ќе ги има до крајот на годинава. Условите за тек на целата постапка беа овозможени по Одлуката на Советот на Општина Штип, кој на седница во декември минатата година утврди три локации за поставување на подземните контејнери. Две од локациите се паркот „Макфест“ и позади стоковната куќа „Нама“, а ваков сад за одлагање отпад ќе се постави и на уште една локација. Но дали ова ќе го реши проблемот со комуналниот отпад во Штип? Дел од граѓаните и не се толку оптимисти, посочувајќи на ниската свест кај граѓаните.

Од Општина Штип посочија дека работат на проектот за изведба на подземни контејнери, а во следна фаза ќе се распише и јавна набавка. Потенцираат дека сѐ ќе биде завршено во тековната година.

„Во завршна фаза е основниот проект за изведба на подземни контејнери, по што во најбрз рок ќе се распише јавна набавка за избор на најповолен понудувач, а предвидено е контејнерите да бидат поставени на претходно веќепосочените локации во центарот на градот. По завршувањето на целосната законска процедура, општина Штип во оваа 2023 година ќе добие подземни контејнери во централното градско подрачје со што ќе се модернизира начинот на собирање отпад.“ – стои во одговорот од Општина Штип.

Во однос на селекцијата на отпад, штипските комунални инспектори велеа дека таа не е на задоволително ниво. Од една страна причина за тоа е недоволната едукација на граѓаните, од друга страна, пак, тука е и недволниот број садови или т.н. ѕвона за селекција на отпад на територија на општината.

Со употребата на подземните садови отпадот се складира на пониска температура и притоа се намалува непријатната миризба, како и можноста за негово разнесување во околината. Системот за собирање на комуналниот отпад во подземни контејнери веќе подолг период се применува во светски рамки и има одлични ефекти во заштитата на здравјето на граѓаните и животната средина.

Ребека Спасова М-Нет