Високите температури за 30% ја зголемија работата на Брзата помош во Штип

За 30% е зголемена работата на брзата помош во Штип изминатиот период откако државата е во портокалова фаза. Зголемен е бројот на интервенции како и на домашни посети од страна на екипите на брзата помош. Од таму велат дека ваквата ситуација е очекувана со оглед на високите дневни температури. Додаваат дека најмногу пациентите се жалат на осцилации во крвниот притисок, а моментално има и стомачен вирус па брзата помош викендов остана со полни раце работа.

„Поради топлотниот бран брзата помош бележи зголемена работа и зголемен број на интервенции. Викендите имаме зголемена работа обично околу 30% поради тоа што не работат матичните лекари. Најчесто се жалат на варијација на крвен пртисок, зголемен крвен притисок, имаме и стомачен вирус, респираторни заболувања исто така.“ – вели Ефремова.

На температури на плус 40 советите од лекарите и понатаму остауваат исти. Препорачуваат да не се излегува непотребно на отворено особено во периодот од 11 до 17 часот. Исто така стои препораката да се носи светла облека, заштита на главата како и шише со вода.

„Наша препорака е да се пие хроничната терапија, да не се излегува непотребно на отворено, да се седи дома и да се пие поголема количина на течности.“ – додава Ефремова.

Високи температури синоптичарите најавуваат за во текот на целата наредна недела.

Лаура Стојанова М-Нет