
Изразуваме протест единствено против содржината на Законите за матична евиденција и родова еднаквост, не протестираме против никој друг, категоричен е епископот Јаков во обраќањето пред вечерашниот протест, во кое им порачува на граѓаните да застанат во одбрана на верата, слободата на говор и мислење, но и да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации.
„И кога решивме во демократско општество да се собереме и тоа не на јавен простор, туку свои на своето, во Црквата своја, гледаме разработка на старото-добро сценарио каде што агресорот одново се претставува како жртва. Токму тоа се повиците кои што ги слушаме од вчера од некои невладини организации дека нашиот собир некого ќе загрози. Не се сомневам дека ќе има обиди на таков начин да се фрли сенка на Вистината, со нивните добро познати методи на праќање провокатори. Ние изразуваме протест единствено против содржината на Законите за матична евиденција и родова еднаквост, против никој друг“, вели Епископот г. Јаков.
Протестот и самите закони се подложни на низа контроверзии. Во однос на нив, министерката Тренчевска вели дека протестот е право на секој еден во нашата држава, но важно е и да се знае која е вистината во однос на законите.
„Како борец за човекови права, апсолутно не можам да кажам дека протест не смее да се одржува, протестот е легитимно право на секој, меѓутоа легитимно е и да биде кажана вистината за двата закони, и за дефинициите и за механизмите, а протест може и по Устав и по Закон може да организира секој еден во државата“, истакна министерката Тренчевска.
Протестот ќе се одржи денеска со почеток од 18:00 часот, пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“. Во организација е на МПЦ – ОА со поддршка од Коалицијата за заштита на децата, а го поддржаа и од Католичката црква и Евангелско-протестантската иницијатива. Против законите е и Исламската верска заедница, која изрази само морална поддршка и најавија дека физички нема да бидат присутни на протестот. Присуство најавија и политички партии, здруженија и граѓани.
Ребека Спасова М-Нет