
В четврток, на 29 јуни, свечено ќе се отвори 38. издание на Штипско културно лето. За истиот ден се закажани два настана, изложба во Безистенот и концерт на ЗЏМ Оркестар во Домот на млади со почеток од 21.00 часот. Во програмата се предвидени уште ликовни, музички настани, промоција на книги, но и проекција на филмови во рамки на отворањето на Киноверзум во Штип.
„Ќе биде концерт на македонски евергрин теми, нешто што во нашиот град мислам дека претходно се нема случено. На мое огромно задоволство, ги канам сите граѓани на Општина Штип, бидејќи концертот е од отворен карактер, не се наплаќаат влезници, да присуствуваат и да видат нешто ново“, вели Видан Лазарев, директор на Дом на млади – Штип.
Од Оркестарот велат дека избрале 15 – 16 композиции кои во последниот половина век оставиле влијание на македонската музичка сцена и сето тоа го споиле на еден поинаков начин.
„Овој концерт ќе биде специфичен, затоа што не е класична формација, туку ќе имаме и гудачи и некако идејата на овој концерт на основа на овој спој на гудачки ансамбл заедно со биг бенд потсетува на она старо време од шеесеттите и раните седумдести години кога во Македонија забавната музика имаше едно повисоко интелектуално ниво“, вели диригентот Џијан Емин.
Градоначалникот Јорданов, пак, смета дека ваквата програма ќе ја збогати културната понуда на градот и ќе привлече голем број посетители. Најави уште поголема поддршка и продолжување на традицијата во следните години.
„Се надевам дека со овогодинешната програма ќе се анимира публиката којашто ќе присуствува на овие настани, а со тоа ќе се збогати културата и со ова Општината дава директна поддршка на промоција на нашата култура во нашиот град кога имаме потреба од такво нешто. 38. пат се одржува ШКЛ, бројка којашто ни дава обврска да продолжиме и во следните години со уште поголема поддршка и со програма којашто ја заслужува штипската публика“, заклучува градоначалникот Јорданов.
Штипското културно лето ќе трае до 31 јули. За програмата која и оваа година ја подготви Општина Штип одвоени се 600.000 денари финансиски средства.
Ребека Спасова М-Нет