Хуманитарна изложба на Драган Гелев, средствата наменети за Здружението „Доктор Симон Василев“

Штипјанецот Драган Гелев ќе ги продава своите ликовни дела на изложба во штипскиот Безистен, а средствата ќе бидат наменети во Хуманитарното здружение „Доктор Симон Василев“. Со овој хуманитарен настан утре, во 19:00 часот, ќе започне Штипското културно лето. Гелев е штипјанец кој повеќе од 15 години живее во Базел, Швајцарија. Неговото хоби кое му е голема љубов и чиста уметност, секојдневно го прикажува на социјалните мрежи, а утре заинтересираната публика ќе може сликите да види во неговиот роден град, но и да ги има во своите домови.

„Изложбата на Драган Гелев, којашто на самиот почеток на Штипско културно лето се реализира во 19:00 часот во Безистенот, е донаторска. Сите слики ќе бидат понудени на продажба, а средствата од продадените слики ќе бидат донирани во Фондацијата на д-р Симеон Василев. Заедно со Општина Штип, така се одлучи и уметникот за да помогнеме на некој начин“, истакна Кирил Панајотов.

Хуманитарното здружение „Доктор Симон Василев“ со работа започна во февруари минатата година. Формирано е во чест на доктор Симон Василев, кој почина во декември 2021, на 35-годишна возраст. Беше одличен хирург во Клиничката болница во Штип, помагајќи на сите во најразлични ситуации, со што остави пример кој треба да се следи. Иницијативата за Здружението е на неговата сопруга, д-р Мирела Василева, и блиски пријатели и роднини.

Ребека Спасова М-Нет