Ќе стигнеме ли до едноцифрена инфлација која ја најавува Владата?

11,3% инфлација пресмета Статистика за последниов месец, надлежните се оптимисти дека ќе стигнеме до едноцифрена, што, според нив, укажува на враќање во нормала. Но што на ова велат граѓаните, а што економистите? Граѓаните поделени по однос на ставот за инфлацијата, но согласни дека цените на некои производи сепак сѐ уште се високи.

Економистите, пак, се согласни дека е можно идно намалување на инфлацијата, но само за 2 – 3 процента. Економистот, Глигор Ивановски, вели дека ние долго време го имавме оној процент на продуктивна инфлација, но сето она што е над 3% е веќе штетно. Да се прекине процесот на намалување на инфлацијата може со повторно „дивеење“ на цените.

„Државниот завод за статистика овие 11% ги има утврдено на база на некој претходен сметковен период, така што таа е реална како стапка. Владата, извршната власт, ќе се труди таа да ја намали и да биде едноцифрена, но тоа се работи за идно време, тоа е сепак прогноза, не е нешто како факт, а може да се оствари само ако не дојде до некое повторно „дивеење“ на цените на овие основните производи“, вели Ивановски.

Дали може да дојде до тоа, Ивановски вели дека не може да контролираме, токму поради увозните цени, пред сѐ на суровините и репроматеријалите за стопанството. Ако увезуваме нешто што не може да го замениме со наши производи, мора да ги прифатиме условите на странскиот добавувач. Токму поради тоа, увозната зависност, заклучува Ивановски, е одлучувачка во тоа дали инфлацијата ќе бележи намалување и со кој процент.

„Има, меѓутоа мора да го имаме предвид фактот дека Македонија е увозно зависна, значи, ние и да изградиме една стратегија дека цените на домашниот пазар нема да растат претерано или ќе растат со некоја нормална прогресија, може некој увоз, недостаток на производи со кои ние располагаме да нѐ извади од колосекот. Може да се случи порди увозната зависност да увезуваме производи со повисоки цени од претходни“, додава Ивановски.

Во мај, според Сојузот на синдикати, на едно четиричлено семејство му биле потребни 49.025 денари, односно близу 800 евра за да ги покрие основните и минималните трошоци.

Ребека Спасова М-Нет