Јорданов бара Општината сама да ја заврши изградбата на затворениот базен во Штип

Сами да ја завршат изградбата на затворениот базен во Штип, предлагаат Општината и градоначалникот Јорданов. Тој посочува дека проектот во кој се инвестирани околу еден милион евра, не смее да пропадне, а со тоа на штета на граѓаните. Повика Владата и Агенцијата за млади и спорт да ја надминат политиката и да застанат на страната на интересот на граѓаните.

„Денес сме овде не за да критикуваме, туку да дадеме предлог и решение. Општина Штип и јас како градоначалник заедно со советниците даваме предлог до централната власт. Штета е овој објект во којшто се инвестирани околу еден милион евра да остане вака заради политички калкулации на штета на граѓаните. Даваме предлог до Владата и до Агенцијата за млади и спорт да ни дозволат ние како Општина да ја довршиме изградбата на затворениот базен, да го пуштиме во употреба, затоа што него ќе го користат припадници, членови и симпатизери на различни политички партии. Во интерес на општината е да се доврши овој објект, затоа што веќе се потрошени околу еден милион евра“, посочи Јорданов.

Ако не дозволат, саркастично вели Јорданов, парцелата ќе ја пренаменат во споменик кој сведочи за неработењето. Откако е градоначалник неколкупати разговарал со Агенцијата за млади и спорт, но од таму го убедувале дека изградбата е во тек, а затворениот базен само што не е пуштен во употреба.

„Доколку не ни дозволат, со Советот, со советниците на некоја следна седница на Совет ќе иницираме промена на Деталниот урбанистички план, оваа парцела наместо спорт и рекреација, односно затворен базен, како што требало да биде пред неколку години, ќе поднесеме иницијатива да се пренамени во споменик на СДС, на Владата, споменик којшто е вреден 1.000.000 евра и којшто сведочи за неработењето на Социјалдемократскиот сојуз“, додава Јорданов.

Доколку им биде дозволено, пак, ќе се направи проценка и план за тоа колку Општината би требало да инвестира за завршување на изградбата.

„Нормално е дека ќе покренеме иницијатива да се направи проценка што недостасува во проектот, предмет-пресметка колку средства се потребни за да се доинвестира во довршување на изградбата на објектот и конечно пуштање во употреба на истиот“, истакна Јорданов.

Јорданов не е ниту песимист, ниту оптимист во врска со тоа дали ќе добијат таква дозвола. Само вели дека на овој чекор се одлучиле, бидејќи критиката нема да донесе ништо. Случајот со затворениот базен наликува на оној со Клиничката болница, заклучува Јорданов.

Ребека Спасова М-Нет