
Доцни прелиминарната ранг-листа на МОН. Со вакви проблеми започна денот во кој ресорното Министерство требаше да ја објави листата, идните средношколци да ги донесат документите во идните средни училишта. Сајтот на МОН на кој требаше да биде објавена листата во 09:00 часот не функционираше, а доцнеше и самата листа. Деца и родител во неизвесност ги очекуваа резултатите, а директорите кои имаа пристап до нив индивидуално им ги посочуваа иако немаат таква обврска. Некои од училиштата листите ги објавија и на влезот. Токму ваквите прелиминарни податоци покажуваат дека интересот за гимназии опаѓа, а за средни стручни училишта расте. Директорката на штипското медицинско училиште, вели дека најпопуларна и понатаму е струката Медицинска сестра, каде има пријавено 30 ученици повеќе од слободни места. Полни се 80% од сите паралелки.
„Во СОУ „Јане Сандански“ – Штип до вчера до 15:00 часот имаме пријавено 188 ученици. По профили би можела да кажам дека во Медицински сестри имаме пријавено 108 ученици, во Забни техничари имаме 19, во Фармација имаме 20 ученици, Физиотерапевтски техничар има 24 ученици и Гинеколошко-акушерска сестра имаме пријавено 24 ученици“, вели Николиќ.
Во СОУ „Коле Нехтенин“, пак, пополнета е паралелката Електротехничар за компјутерска техника и автоматика од Електро-струката. Бројките на запишани ученици се поголеми од мината година.
„Доста сме задоволни од одзивот на учениците, имаме 164 ученика веќе пријавени според електронското пријавување. Остануваат уште слободни места во Електроника и телекомуникации, имаме Електротехничар, Енергетичар, во Машинската струка имаме Техничар за компјутерско управување, Машински техничар, Техничар за моторни возила. Имаме уште слободни места и во вториот уписен рок очекуваме уште ученици“, вели Александра Романова-Тасевски, професор во СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип.
И додека во овие две штипски училишта запишувањето се одвива во најдобар ред, директорите на Гимназијата и средното текстилно училиште велат дека сѐ уште го немаат конкретниот број на запишани ученици во прва година, бидејќи Комисијата за рангирање сѐ уште работела на добиените документи. Прелиминарната листа и во двете училишта ја очекувале до крајот на работниот ден, а директорката на средното текстилно училиште посочува дека кај нив поголем одзив има во второто пријавување на првиот уписен рок.
Ребека Спасова М-Нет