
По УЈП и судската администрација, и Царина на протест. Вработените бараат исплаќање на додатокот на плата од 30%, што според Законот им следува поради посебните услови за работа и посебна одговорност која произлегува од работното место. Како што истакна претседателот на Синдикатот на УПОЗ, и покрај тоа, ниту еден вработен никогаш не го добил овој додадок, ниту истиот е евидентиран на платните листи на вработените.
„Иако и Царинската управа е орган во состав на Министерството за финансии и се понадевавме дека за првпат и конечно ќе се исплати овој додаток на плата, одговорот повторно беше негативен. Овие вработени кои денеска се излезени на протест го полнат државниот буџет секоја година повеќе од 51%, носат оружја, вршат претреси, изложени се на висок ризик и не бараат ништо повеќе од тоа да се почитува Законот и правилно да се применува Законот и колективниот договор. Вработените денеска одлучија револтот да се изрази на мирен начин за време на пауза и да не се нарушува работниот процес со цел граѓаните да може да патуваат, а приватниот сектор и стопанството да имаат слободен увоз и извоз на стока“, истакна Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.
Како што додадоа, протестот е само предупредувачки и очекуваат средба со новиот директор на Царинската управа. Посочија дека со Богоев претходно нашле заеднички јазик кога тој бил градоначалник и очекуваат истото да се повтори. Со ова се согласи и Богоев, кој ги повика на средба и побара време за да се запознае со работите оти на фунцијата е помалку од 24 часа.
„Ја сум неполни 24 часа на функцијата и излегов за да поканам претставници на Синдикатот и на вработените да дојдат и да ми ги кажат лично, да се упатам детално во барањата коишто ги имаат како вработени и како Синдикат. Потоа, со службите ќе разговараме што досега е направено, бидејќи се направени работи и досега во полето на работничките права, и во координација со УЈП, ќе разговараме и со Министерството за финансии. Мислам дека логично да барам некое време за да се запознаам со работите“, вели Богоев.
Следните чекори дополнително ќе се утврдат, но не е исклучена можноста и за генерален штрајк на ниво на синдикат. Од вчера по два часа дневно, на работното место, без да ги извршуваат работните обврски, протестираат и вработените во Управата за јавни приходи, а пред Основниот кривичен суд протестира и судската администрација.
Ребека Спасова М-Нет