Две куќи во Делчево се мета на закана од свлечишта, испратено итно барање до ЦУК

Две свлечишта по невремето се закана за две куќи во Делчево. Според градоначалникот Трајковски, ситуацијата е сериозна и од таа причина имаат испратено барање до Центарот за управување со кризи за навремено да се реагира и да не дојде до посериозен проблем или во краен случај, до уништување на куќите.

„Имаме две свлечишта, загрозени се две куќи. Тоа е на истиот потег, истиот ендек, којшто го викаме Грозданец, кој е закана по стабилноста на куќите и се овозможува ризик по статиката на куќите до крајна граница сериозно. Испративме барање до Центарот за управување со кризи и соодветните институции за да ни дадат насоки, што ние би можеле во однос на тие свлечишта да направиме“, вели Трајковски.

Во меѓувреме, Владата на вчерашната седница го разгледала и извештајот за штетите кој го достави Општината. Повратна информација сѐ уште немаат добиено, бидејќи можностите се разгледуваат, а Трајковски вели дека ќе постапат согласно со насоките кои ќе им бидат посочени.

„Тие го бараат начинот, не знам дали „Македонија пат“ може да ги извршува работите или на кој начин за да немаме некои законски постапки, тендери коишто ќе се одолговлечат со месеци, а да остане несанирано. Затоа бараат законска, правна можност за да ги задолжат „Македонија пат“ или некоја друга институција за да може во најбрз рок да ги санираат штетите“, додава Трајковски.

Во меѓувреме, сообраќајот на магистралата А3, од Македонска Каменица кон Делчево е нормализиран за сите видови на возила, по санацијата на проблемот кој таму го предизвика надојдената вода од врнежите. Сепак, сѐ уште се препорачува внимателност поради можни одрони на делниците Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Ребека Спасова М-Нет