
Три кочански села годинава ќе останат без првачиња, виничко Блатец ќе има три, а Лаки ќе остане со само едно. Ваква поразителна бројка забележуваат Општините Кочани и Виница, од каде посочуваат дека поради ваквото намалување ќе мора да има намалување на паралелките во селата.
„За жал, за првпат ни се случи во три низински села, Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци, каде што секогаш се запишувале поголем број на ученици, оваа година немаме запишано ниту едно прваче, што значи дека таму една паралелка ќе мора да се намали“, вели Голубинка Георгиева, раководителка на Одделението за јавни дејности при Општина Кочани.
Бројот е намален и во градовите. Во Кочани, речиси 150 родители доставиле изјави дека нивните деца се во странство, а во Виница недостасуваат околу 13% од децата во однос на запишаните во учебната година што е при крај.
„Во основните училишта во Кочани, кои се вкупно пет, првпат во историјата, имаме рекордно најмал број на запишани ученици, вкупно 206 ученика. Само 147 имаме изјави од родители коишто се изјасниле дека нивните деца се во странство“, додава Георгиева.
Во Кочани нема проблем единствено во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“, кое е централно, а и Виница во едно од училиштата бележи зголемување за 13 ученици. Меѓутоа, во другите има само недостаток, во едно за цела паралелка, односно 18 првачиња помалку. Вкупниот број првачиња во Виница и виничко е 113. Комбинацијата на паралелките поради намалувањето ќе се спроведе кон крајот на август, во зависност од тоа дали во меѓувреме ќе се пријават дополнителен број ученици.
Ребека Спасова М-Нет