Стопанската комора потпиша меморандум со штипскиот Универзитет за подобри кариерни услови

Креирање професорски кадар и подмладок кој ќе биде на висината на задачата, задоволни луѓе кои ќе бидат поддржани и ќе се остварат, се очекуваните резултати од воспоставената соработка помеѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ и Стопанската комора. Основни задачи кои ги поставува истата се заеднички проекти за реализација на цели на домашен план.

„Да ја подобриме комуникацијата, да споделуваме информации секојдневно, што се потребни за остварување на овие работи за коишто зборувам, ќе иницираме секој месец средби на сите оние коишто сакаат да се вклучат од универзитетите во државата во еден процес на остварување на овие цели за да создадеме амбиент кој ќе биде носечки за понатамошната наша соработка. Второ, ќе работиме заеднички на добивање проекти од Европската Унија, што се во интерес и на Универзитетот, и нам“, истакна претседателот, Бранко Азески.

Конкретно, за студентите ова ќе значи подобри услови за работа и градење кариера, а преку внесување повеќе алатки и зајакнување на капацитетот на институциите. Ректорот, Дејан Мираковски, вели дека ова е само прв чекор во кој се дефинирани неколку полиња на дејствување.

„Во реални проекти, со заеднички настап да успееме да ја подобриме економијата, да го подобриме секојдневниот живот и на нашите студенти да им отвориме простор за развој во нашата држава и реализирање на една квалитетна кариера, квалитетни услови за работа во нашата земја“, вели Мираковски.

Главната цел на УГД и Стопанската комора е потпишаниот меморандум да не биде само формално потпишување документ, туку основа за понатамошна реализација на конкретни активности.

Ребека Спасова М-Нет