
Со завршувањето на учебната година, започна реконструкцијата на подрачното училиште во село Таринци. Во текот на летниот распуст ќе се работи на целосно подобрување на условите за работа, а новиот објект ќе биде и енергетско-ефикасен, односно ќе се овозможи централно парно-греење на целото училиште.
„Се работи на реконструкција на една од двете подрачни згради во ова училиште, а едната ќе биде предмет на целосно отстранување и изградба на нова зграда споена во една целина, со што ќе имаме едни модерни, нови услови, како што треба да има едно европско училиште. Имено, да споменам дека ова училиште е постаро од 40 – 50 години и за првпат се работи на ново, реконструкција на дел од постоечките згради и ќе добиеме една целина “, истакна Паунов.
Проектот е од особена важност за наставниот кадар и учениците во ова училиште, бидејќи ќе овозможи нови услови за работа, вели директорката, Наталија Костова. Таа додава дека во новиот објект ќе почнат да работат со почетокот на следната учебна година.
„Во училиштето во с. Таринци учат околу 50 ученика. За првпат по долгогодишниот проблем и желбата на сите нас, се реализира реконструкција и изградба на нова училишна зграда која е од голема радост и за учениците и за наставниците“, вели Костова.
Проектот е инвестиција вредна 15 милиони денари со вклучен ДДВ, од коишто 11 милиони денари се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа, односно Програмата за диспаритети, а остатокот од 30% е кофинансирање на Општина Карбинци со сопствени средства.
Ребека Спасова М-Нет