Се уредуваат влезовите на станбените згради на улица „Сремски фронт“ во населба Автокоманда

Со инвестиција на Општина Штип започна уредувањето на влезот пред станбените згради на улица „Сремски фронт“ во населбата Автокоманда. Градоначалникот посочи дека станува збор за дел од активностите од Програмата за уредување на градежно земјиште според која се веќе уредени влезовите на станбени згради во некои од населбите, како Сењак, а и централното градско подрачје.

„Ќе се поставуваат павер-елементи, урбана опрема, повеќе клупи и простор за паркирање на автомобилите и возилата од овие станбени згради. Она што го затекнавме, навистина, создаваше промени во секојдневното функционирање на жителите од овие станбени згради, одлучивме да влеземе со уредување на овој простор“, истакна Јорданов.

До крајот на годината на вакво уредување ќе се работи во населбите Автокоманда, Сењак, Пребег, како и останатите населби кои имаат згради стари повеќе од 40 години. Целта е модернизација на просторот.

„Како што најавиме, очекувам до крајот на годината најголем дел од населбите коишто имаат станбени згради да се изврши уредување на просторот пред влезовите, партерно и хортикултурно, осветлување, поставување урбана опрема со цел да го модернизираме изгледот на нашиот град во сите делови“, додава Јорданов.

Уредувањето на влезот пред станбените згради на улица „Сремски фронт“ е инвестиција вредна 1.600.000 денари, пари обезбедени преку општинскиот буџет.

Ребека Спасова М-Нет