
Новата двосмерна улица „Димитар Влахов“ помеѓу двата кружни тека во кочанско Стришани ги крена на нозе сопствениците на продавници во тој дел од градот. Велат дека овде немаат ниту каде да се врши достава на роба, ниту, пак, имаат простор за паркинг. Сообраќајната лента која ја користеа за таа намена веќе е наменета за сообраќај, па со тоа, велат, се соочиле со низа проблеми.
„Немаме услови за работа, ние тука имаме 50 луѓе вработени што чекаат парче леб. Нека ни обезбедат услови за паркинг, за достава на работа, за муштерии да дојдат да пазаруват. Тука се 12 дуќани, нема никакво известување за вас и нема обѕир. Затоа ќе го молиме градскиот татко да дојде и да разговара со нас, да најдеме некое решение, овоа вака не бива“, вели Естат Захариев.
Захариев посочи дека доколку не се најде решение за нивниот проблем, иако не сакаат да создаваат оптеретување на нивни сограѓани, ќе мора да ја блокираат улицата. Велат дека на оваа улица немало проблеми и нема причина да биде двосмерна.
„Оваа улица испадна најлоша во градот. Од три ленти сега нема некој да застане да истовари дрва, роба, за што било… Ние со оваа улица немаме проблем, тука не е имало ни застој. Доколку не се најде решение, ние наредниот пат ќе се организираме во поголем број и ќе ја затвореме. Не сакаме да бидеме ригорозни кон наши сограѓани што минуваат од тука…“, додава Захариев.
Инаку, улицата „Димитар Влахов“ стана двосмерна пред три дена, за што од Општина Кочани соопштија дека е по градежното уредување и поставување сигнализација, а согласно со ревидираниот Основен сообраќаен проект за режимот на сообраќај на постојна состојба.
Ребека Спасова М-Нет