
Неодамна на социјалните мрежи беше објавен првиот подкаст снимен на нашиве простори кој очекувано наиде на голем број позитивни коментари. Проектот се реализира од страна на Милан Димитровски – Папата кој се одликува со амбициозност, сестраност и желба за надоградување и создавање несекојдневни нешта. Димитровски си направи муабет со нас за се она што е значајно и поврзано со подкастот.
Позади што се крие инспирацијата за започнување еден ваков проект?
- Главната инспирација лежи во мојата природа, односно зборливоста и желбата за дискусија со луѓе кои за некои теми имаат многу повеќе познавања од мене. Ме интересираат различни области од животот, почнувајќи од спорт и музика, па се до социјални, економски, научни и филозофски проблеми. Сакав да се слушне мојот глас и да почнам јавно да зборувам по иницијатива на сите оние кои ме познаваат и тврдат дека многу зборувам. Тоа е едниот дел од инспирацијата, другиот е тоа што подкастот станува се’ поактуелен во светот и многу луѓе на него гледаат како алтернативен начин за доаѓање до информации. Мислам дека и кај нас многу од луѓето би можеле да се префрлат од класичните медиуми на подкастот како извор на информации, па сакам да бидам пионер во таа област. Ќе го споменам Џо Роган кој моментално е еден од најдобрите подкастери и кој на некој начин мене ми е идол со самото тоа што е љубопитен, отворен во однос на многу теми, спремен да го промени сопственото мислење доколку прими различна информација поткрепена со факти. Сметам дека сите треба да се стремеме да бидеме отворени за нови нешта и нови информации, да бидеме свесни дека работите не секогаш се такви какви што ние ги знаеме.
Каква е твојата замислата за целово ова, почнувајќи од карактеристичното име, дијалектниот говор, па се’ до начинот на подготовка?
- Начинот на подготовка според мене беше доста едноставен, за место на реализација на целиов проект ја одбрав мојата соба затоа што сакав домашна и опуштена атмосфера. Истата успев да ја пренаменам и за неколку недели започна да наликува на студио. Токму поради правењето муабет со соговорниците, а не водење класичен разговор или дискусија, подкастот го насловив како ,,На муабет со Папата”. Самото име е рефлексија на идејата за подкаст во кој не би имало цензура и граници, односно оставам секој слободно да зборува и да каже онолку колку што има. Со тоа во иднина самите епизоди кои сега траат по еден час би биле подолги. Релаксирачкиот карактер на целава моја замисла се поврзува и со начинот на кој зборуваме, се држам до штипскиот дијалект се’ со цел да е едноставно, но истовремено да се пренесуваат релевантни информации.
Дали и каква порака сакаш да испратиш до оние кои те следат?
- Сакам да укажам дека за оние кои ги интересираат повеќе нешта, сакаат да научат и слушнат нешто ново навистина е корисно да го слушаат и гледаат подкастот. Со моите гости, кои преферирам да се амбициозни, успешни и едуцирани млади дечки и девојки спремни да водат сеопфатен муабет поткрепен со аргументи и логика, нема да ги повторуваме оние нешта кои постојано се слушаат по медиумите, напротив ќе зачнуваме нови теми кои не се толку актулени и ретко можат да се слушнат на нашиве простори. Можеби со тоа би го сменил начинот на размислување кај некои индивидуи. Има и ќе има опфатено многу различни теми: музика, спорт, ќе навлезам во психолошки теми, биснис идеи, работи поврзани со ЛЏБТ заедницата… единствено би се држел на страна од политика.
Дали имаш некаква помош или желба за можна соработка со некој?
- Опремата ја набавив сам и генерално многу голем дел од
студиото го направив сам, немав желба да ангажирам многу луѓе поради тоа што
сакам се да е по мој крој. Секако дека имав помош од блиски пријатели, во однос
на изборот на камери, едитирање, префрлување, изработка на интро. Истите се
тука и за време на снимањето и се грижат се да тече во најдобар ред. Ќе ја
искористам оваа прилика да им се заблагодарам ним и на сите оние кои ми дадоа
поддршка.
Во однос на соработката сакам да имам по неколку спонзори за секоја емисија кои би донирале одредена сума на пари која јас ќе ја пренаменам во хуманитарни цели. Голем дел од тие суми ќе одат главно на сметки на домови за згрижување на деца без родители и директно кај семејства кои се социјално загрозени. Без оглед на тоа колку ќе е голема сумата сакам да имам импакт и да им помогнам на оние на кои тоа им е потребно. Единствено би одвоил мал дел од сумата за луѓето кои се присутни и помагаат при снимањето. Во моментов јас не сакам да остварувам профит од поткастот.
Каде и колку често ќе се емитува подкастот?
- За тоа колку често би се емитувал уште немам одлучено, односно немам некој одреден временски период, сакам да се одвива тековно, како се снима така и да се објавува. Пред емитувањето на секој следен подкаст навремено ќе бидат известени оние кои ме следат на мојот Facebook и Instagram профил, како и на Instagram профилот на самиот подкаст @namuabetsopapata каде има извадоци од сниманите материјали. Целите епизоди за сега се достапни на Youtube, но работам на тоа аудио верзија од подкастот да е достапна на iTunes или на SoundCloud.