Тетекс во моќно издание со ШЕСТ гола го „распадна“ Осогово и останува во Втора лига!

Тетекс одигра моќен и доминантен натпревар и со убедливи 1:6 го декласираше Осогово и останува во Втората македонска фудбалска лига.

Тетекс и следната сезона ќе се натпреварува во Втората македонска фудбалска лига, откако на „Борис Трајковски“ во Маџари со високи и сигурни 1:6 го доби шампионот на Трета лига – Исток, екипата на Осогово од Кочани. „Жетварите“ одиграа катастрофален натпревар и беа далеку од конкурентен тим кој можеше да го запре налетот на тетовските „штофари“, кој многу повеќе доминира на теренот.

Тетекс брзо го отвори резултатот преку Мертион Салији во 13. минута, а три минути подоцна момците на Калц имаа веќе два гола предност со голот на Мустафа Јусуф/ Во 36. минута од мечот Трајче Стојковски даде гол за високи 0:3 на полувреме.

Второлигашкото искуство и големата поддршка од трибините на верните „Војводи“ и братските „Комити“, беше огромна предност за „штофарите“, кој на полувреме имаа водство од дури 0:3, па повеќе од сигурно беше дека „жетварите“ од Кочани во вториот дел ќе имаат тешка задача против одличниот Тетекс предводен од искусниот стратег Љупчо Марковски – Калц.

Во вториот дел „жетварите“ преку Драган Цветанов намалија на 1:3 и со тоа се обидоа да останат конкурентни и во игра за евентуално изненадување. Сепак, десет минути подоцна мрежата на Симон Стојковски продолжи да се треси, а со тоа и водството на Тетекс продолжи да расте.

Салији со втор гол обезбеди водство од 1:4 во 75. минута, а веќе во 85. минута Јусуф со втор гол обезбеди водство од 1:5. Осогово беше целосно немоќен за налетот на „штофарите“, а голгетерот Христијан Кировски во 91. минута ги постави конечни 1:6 и стави печат на ново второлигашка сезона за Тетекс.

Во 81. минута капитенот Тоше Манов заработи втор жолт картон и беше исклучен од игра, па финишот од мечот Осогово го одигра со играч помалку.

Огромната победа предизвика ерупција на трибините, „Војводи“ и „Комити“ во еден глас грмеа за Тетекс, тетовската гордност и следната сезона ќе игра во Втората македонска фудбалска лига.

Новаци, Влазерими и Осогово се трите поразени екипи во баражите, па овие три екипи ќе се надеваат на влез во Втора лига преку ждрепката, преку која две екипи ќе станат второлигаши, а една екипа ќе „извиси“.