
На цел глас ечи „Вардаре, Вардаре, Вардаре…“ Кичево е обоено во бело – црна комбинација и се слави влезот на Вардар Неготино во Втората македонска фудбалска лига. Вардар ги преживеа пеналите и стана нов второлигаш.
Новаци прокоцка предност од 1:0 на полувреме, а да биде болен поразот, израмнувачкиот гол Вардар го постигна во 90. минута.
Новаци преку Антонио Стојковски во 33. минута стигна до водство од 1:0, предноста која Новаци ја имаше до финишот од натпреварот. Херој за екипата од Неготино беше Кирил Неделков кој во 90. минута погоди за 1:1 за огромна ерупција на стадинот во Кичево.
Победникот и патникот за влез во Втора лига се решаваше во пенал-рулетот, а овој пат Вардар ги преживеа пеналите, откако лани во баражот за Втора лига, токму пенал лотаријата беше кобна за Вардар, кога беше исфрлен од Караорман.
Во пенал серијата Дарко Нацев од Вардар прв промаши, а потоа голманот на Вардар, Стефан Стефанов го прочита ударот на Стефановски. Стефан Јовановски го промаши целиот гол, а голманот Николче Симоновски го прочита ударот на Петар Ристовски.
Кај Новаци Антонио Стојковски го промаши целиот гол, а Марјан Илов го реализираше клучиот пенал за голема радост кај Вардар.
Па така, Вардар заедно со Тетекс и Башкими е во Втората лига, додека пак Новаци, Осогово и Влазрими ќе се надеваат на ждрепката и преку неа за влез во Втора лига.