Со нови знаења се вратија учениците од СОУ „Јане Сандански“ – Штип од проектот во Шпанија

Практична настава, нови знаења за Шпанија и нивната култура и можност за преземање искуства од нивниот здравствен систем – ова се дел од остварените резултати од Еразмус-проектот „Чекор по чекор“ кој го реализираа учениците од СОУ „Јане Сандански“ од Штип.

„Се стекнавме со нови знаења и нови вештини во однос на работа со пациенти со најразлични заболувања, како што се хемиплегии и параплегии, работа со неподвижни пациенти, бидејќи ние бевме ученици коишто реализиравме пракса во ментална установа, работевме со пациенти со ментална попреченост, некои и со траен инвалидитет. Таму ние како практиканти видовме работи за коишто овде сме немале можност“, вели Филип Калаџиев, физиотерапевтски техничар.

„Освен главната цел, нели, да се стекнеме со нови знаења во нашата сфера, запознавме и нова култура, посетивме и други градови, имавме две еднодневни екскурзии во Кордоба и Малага. Можам да кажам дека е едно предобро искуство“, вели Илина Коцева, медицинска сестра.

„Од мое лично искуство може да кажам дека научив многу повеќе за мојата струка, исто така да научам повеќе за шпанската култура, како и да зборувам дел од шпанскиот јазик“, вели Баже Коцев, медицинска сестра-техничар.

По завршувањето на проектот учесниците го пренесоа знаењето и во нивното матично училиште. Според професорот, Стојанче Илиевски, ова искуство е особено важно за учениците од ова училиште, бидејќи нивните знаења и искуства можеа да ги применат кај пациенти рамо до рамо со вработените од болниците.

„Спроведена е дисеминација во нашето училиште, каде што учениците имаа можност преку проекти да презентираат и да го покажат наученото во болниците, да покажат еден поразличен начин на лекување на пациентите, поразличен пристап на лекување, користејќи нови методи и технологии кај пациенти со различни состојби“, вели Стојанче Илиевски, стручен наставник по физиотерапевтски предмети.

Проектот се реализираше во периодот од 26 февруари до 19 март во Севиља, во Шпанија, каде заминаа 24 ученици од профилите медицинска сестра и физиотерапевтски техничар и четири наставници од штипското медицинско училиште.

Ребека Спасова М-Нет