
Семинар по народни инструменти на тема „Музичката култура дел од националниот идентитет“ се организираше во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип. Предавач на семинарот е професорот Драган Даутовски, а семинарот е наменет за сите ученици од училиштето, но ќе се одржи посебна работилница со учениците кои изучуваат народни инструменти.
„Драган Даутовски е човек кој ги има внесено народните инструменти во образованието има издадено седум албуми, како со традиционална македонска музика, така и со наши мелоси користени во денешната популарна музика. Тој е исто така бил член и на народниот оркестар „Танец“, го има формирано ансамблот „Миле Коларовски“ и уште многу, многу негови доследности и убавини во фолклорот и традицијата во нашата Македонија“, истакна Илија Ќосевски, професор во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип.
Професорот Даутовски го искажа своето задоволство што првпат се враќа во своето училиште, велејќи дека зборуваат за една многу важна тема, а тоа е чувањето на народната традиција. Фокусот е на народните инструменти, кои, како што вели Даутовски, се музичкиот белег на националниот идентитет.
„Многу е важно денешното време или ќе го наречам невреме, затоа што во принцип доаѓаат на удар сите носечки идеи на националниот идентитет, а говориме во исто време и за личен идентитет, така што секој од овие ученици го негува својот првенствено личен идентитет, а потоа го застапува и националниот идентитет. Ваквите средби се во суштина мотивирачки, да ги мотивираат во нивната работа, да се насочат правилно, да знаат дека не е сè така црно во светот и ќе бидат многу важен сегмент во иднина. Токму овие деца се генерации кои ќе дојдат на работни места наставници и професори“, вели Даутовски.
Ваков семинар се одржува за првпат во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, но не е единствен за едукација и дооформување на учениците од ова училиште.
Ребека Спасова М-Нет