Промовирана книгата „Размисли за образованието“ од професорот Кирил Барбареев

Ние размислуваме за образованието, ама не треба тоа да го правиме само кога истото е актуелна тема, вели универзитетскиот професор, Кирил Барбареев, на промоција на неговата книга „Размисли за образованието“. Тој посочи дека тоа е серија книги со ист наслов, а во истата се опфатени повеќе теми актуелни за воспитно-образовниот систем.

„Мислам дека размислуваме, но, можеби, треба уште посилно да ја подигнеме свеста во општеството и во јавноста дека за клучните, базичните теми не само декларативно да зборуваме, туку да станеме свесни дека тоа е клучната тема во ова општество и секојдневно да работиме на подобрување на тие процеси, а не само кога се појавуваат одредни актуелни теми“

Според Барбареев, исчекор треба да направат сите процеси во образованието, односно истите да бидат мултидисциплинарни. Последните случувања, според него, не се последица на состојби во образованието, туку на состојби кои ги имаме во целото општество.

„Одредени брзи активности не треба да преземе само образованието, туку треба да преземат и другите институции како што е Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика за одредени прашања кои се социјални прашања на младите луѓе. Како тие го минуваат времето надвор од училиште? Колку им е достапен алкохолот? Колку им се достапни психотропните супстанции? Какво е времето по 11, 12 часот навечер, по она што претставува ограничување на пристап на младите? Сето тоа е обврска на другите институции, не е само обврска на родителите и на образованието“, додава Барбареев.

Промотори на книгата „Размисли за образованието“ беа академик Блажо Боев и универзитетските професори Трајче Стојанов и Артан Лимани.

Ребека Спасова М-Нет