Доделени признанија за најдобрите поединци за Денот на пожарникарите во Кочани

Со доделување награди за најдобри поединци денеска во Кочани беше одбележан Денот на пожарникарите. Градоначалникот, Љупчо Папазов, им ги врачи признанијата на пожарникарот Влатко Јефтимов од ТППЕ Кочани и волонтерот Мирче Павлов од ДПД, а тие посочија дека за нив наградите претставуваат особена чест и задоволство. Папазов им посака што помалку интервенции.

„Признанието и наградата што ја добив денес ми претставуваат чест и задоволство во областа на нашата работа. Таа награди ми значи толку повеќе што оваа година ми е јубилеј, односно 30 години во Противпожарната единица и за првпат добивам награда од ваков тип. Голема благодарност до колегите, до целиот тим што ни ја укажаа таа доверба и се надевам дека и во иднина ќе ја водиме работата како досега“, вели пожарникарот Влатко Јефтимов од ТППЕ Кочани.

„Ова признание за мене е пред сѐ огромна чест и задоволство и голем поттик и понатаму да продолжиме со работење, верувам дека не само за мене, туку и за сите останати членови ДПД, да го дадеме својот максимум“, вели волонтерот Мирче Павлов од ДПД Кочани.

Командирот на ТППЕ Кочани, кој им го честита Денот на сите пожарникари, посочи дека изминатава година имале нешто повеќе од 250 интервенции од кои само во Кочани 209. За пет месеца од годинава имаат речиси 90 интервенции.

„Интервенции за 2022 година имаме 280 со зафатена површина од 161,9 хектари. Согласно со Законот за пожарникарство, ТППЕ во градот Кочани ги покрива и општините Зрновци и Чешиново-Облешево. Вкупно интервенции само во општина Кочани броиме 209 интервенции. Од 1.1.2023 година до 20 мај вкупно бележиме 86 интервенции и една интервенција којашто беше испомош во Виница на запален објект“, вели Драган Апостолов, командир на ТППЕ Кочани.

Помош на ТППЕ Кочани секогаш се волонтерите од ДПД, кои со сопствени средства и донации обезбедија возила и опрема. Претседателот, Златко Илијев, вели дека сега работат со десетина нови доброволци кои откако ќе ја поминат обуката ќе станат рамноправни членови.

„Доброволното противпожарно друштво по повод 20 мај успеа да обезбеди уште едно возило за технички интервенции, тоа е патничко моторно возило, кое ќе превезува девет луѓе и има простор за опрема за технички интервенции, а кое ќе се користи во случај на поплави или други елементарни непогоди. По планот и програмата за 2023 година ни преостанува да обезбедиме уште едно теренско возило“, вели Златко Илијев, претседател на ДПД Кочани.

Пожарникарите од ТППЕ Кочани и волонтерите од ДПД со професионалните возила приредија и дефиле по улиците во централното градско подрачје на Кочани.

Ребека Спасова М-Нет