Денеска асфалтна маса се поставува на улицата „Страшо Пинџур“ во Штип

Се асфалтира улицата „Страшо Пинџур“ под Текстилното училиште во Штип, која досега беше со коцка. Според градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, асфалтната маса ќе се постави на дел од оваа фреквентна улица, затоа што временските услови овие два дена дозволуваат да се работи.

„Веднаш по асфалтирање на оваа локација, односно нанесување на асфалтната маса, ќе продолжиме во населба Пребег и затворање на други локации на територија на општина Штип. Завршени се сите подготвителни работи, така што сѐ додека ни дозволуваат временските прилики, доколку во наредните денови нема врнежи од дожд, ќе продолжиме со засилена динамика на асфалтирање, односно на најавената пролетна градежна офанзива. Очекуваме во следните неколку недели да се асфалтираат десетина улици на територија на општина Штип, некои од нив за првпат ќе добијат асфалтна маса. Ова е дел од програмата за уредување и одржување на градежно земјиште на територија на општина Штип“, истакна Иван Јорданов, градоначалник на Општина Штип.

Оваа улица е инвестиција вредна 780.000 денари, пари коишто се обезбедуваат од парите на граѓаните, односно од општинската каса.

Ребека Спасова М-Нет