
Матурантот од штипската Гимназија за кој вчера беше пријавено дека на неговиот профил на Инстаграм објавил текст со заканувачка содржина е задржан 24 часа во полициска станица. Информации соопштија и од Основното јавно обвинителство – Штип, од каде велат да се известени за настанот и преземаат повеќе дејствија за проверка на пораката и тоа дали истата имала заканувачка намера.
„Станува збор за пријава против полнолетно лице – матурант за наводни закани преку објава на една социјална мрежа. Се преземаат повеќе дејствија за проверки со цел да се испита дали пораката, која во основа не содржи изрични директни закани упатени кон некого, би требало да се протолкува дека имала заканувачка намера. Како дел од дејствијата извршен е претрес во домот на лицето, се вршат разговори со пријавениот, неговото семејство и соучениците и се преземаат сите потребни дејствија за расчистување на настанот.“ – велат од Основното јавно обвинителство.
Инаку, 18-годишникот беше приведен вчера откако преку учениците до наставниците и родителите пристигнала информација за наводно поставена заканувачка порака на социјалната мрежа „Инстаграм“. Пораката различно се толкува, што беше причина и дел од учениците попладне да не се појават на училиште. Синоќа во сите класови се одржаа родителски средби со цел да се укаже на поголемо внимание кон децата.
Ребека Спасова М-Нет