
Легендарната група „Леб и сол“ ќе ја отвори реновираната Летна тераса на штипскиот Дом на млади. Со концерт на 20 мај по десетина години повторно ќе се врати на штипската музичка сцена и ќе се претстават пред штипската публика. Бодан Арсовски вели дека нивната желба е да ја видат заинтересираноста на помладата публика, односно да се види дали помладата публика ги знае рефрените на некогаш најпопуларната група за нивните родители.
„Долго време не сме биле во Штип, така што и за нас претставува еден изразен настан и ќе ни биде прв концерт оваа сезона, потоа одиме на неколку други концерти надвор од Македонија и отсекогаш ни било убаво овде во Штип. Сме настапувале и пред да биде овој Дом на млади, тогаш свиревме во Домот на културата, во градот, а и во некои приватни диско-клубови, ама сето тоа го зборувам за минатиот век, 80-90тите години. Пред десетина години настапувавме внатре во Домот на млади“, вели Бодан Арсовски.
Директорот на Дом на млади, Видан Лазарев, посочи дека се надеваат на успешен концерт и се задоволни што сезоната на реновираната Летна тераса ќе почне со ваков култен бенд. Најави и уште еден настан за вечерва од 20:00 часот.
„Легендарната група „Леб и сол“ ќе настапи на 20 мај со концерт во Дом на млади – Штип. Ова е еден јубилеј, бидејќи тие првично ја имаат отворено Летната тераса во 1990 година, кое е направен легендарниот чадор. Ќе ги свират своите најпопуларни теми“, истакна Видан Лазарев, директор на Дом на млади – Штип.
Директорот Лазарев вели дека ова е само еден од низата настани на Летната тераса, потоа ќе следува Фестивалот „А до Штип“, а понатаму и настани во склоп на Штипско културно лето.
Ребека Спасова М-Нет