
„Планинарско – скијачко друштво Пониква“ е насловот на хронологијата на планинарството во Кочани, новата книга која вчера ја доживеа својата промоција. Станува збор за книга за која идејата дошла од веќепочинатиот Киро Герасимов, а кој и контактирал со некои планинари и ги ставил нивните сведоштва на хартија. По смртта на Герасимов, пак, неговите ресурси продолжила да ги користи Љубинка Ајтовска и со тоа овозможила книгата да го види светлото на денот.
„Што да кажам за мојот дел… Имав можност да контактирам планинари коишто се исклучително добри луѓе, ја познаваат планината. Тројца од нив го искачиле и Мон Блан, 4810 метри надморска високичина. Не би сакала да издвојам посебни имиња, бидејќи книгата содржи само мал дел од она што значи планинарство и планинарско живеење. Меѓутоа, пренесува една голема љубов и етика кон планината и кон природата воопшто. Пораката е да ја чуваме природата, да умееме да си го чуваме нашето здравје преку физичката активност и од друга страна, таа ги промовира потенцијалите на Осогово и Осоговските Планини и како природни убавини и како туристички“, вели Љубинка Ајтовска.
Станува збор за хронологија која го промовира планинарството во Кочани како спорт, имајќи ги предвид кочанските убавини кои го овозможуваат истото. Рецензентот, Сашко Стефановски, вели дека планинарите имале среќа што Герасимов и Ајтовска го срочиле тоа на хартија со едно изострено чувство и уметност.
„Би рекол скапоцено дело за нашиот град – хронологија на планинарењето во Кочани. Многумина го знаат Кочани само како град на оризот, меѓутоа, еве, прекрасна прилика да направиме промоција и на планинарењето, бидејќи нашиот град е опкружен со две убавици коишто, едноставно, пленат со својата убавина и ги примамуваат сите. Токму за такви ликови станува збор во оваа книга, благодарение на тоа што овие планинари имале среќа да ги сретнат вистинските луѓе кои можат сето тоа да го стават на хартија, веќе една година отсутниот Киро Герасимов и почитуваната Љубинка Ајтовска“, вели Стефановски.
Промоцијата се одржа во малата сала на Мултикултурниот центар во Кочани во организација на Клубот за планинарски спортови „Москито“, а во пресрет на годишнината од смртта на Герасимов.
Ребека Спасова М-Нет