Трајчевски со гол првенец за Новаци кој го доби Влазними, Кораб убедливо ја декласираше Сатеска

Новаци со минимален триумф од 1:0 над Влазними на домашен терен става печат на успешна сезона и се подготвува за големиот бараж кој води во Втората македонска фудбалска лига.

Стрелец на единствениот гол беше Стефан Трајчевски, кој погоди во 7. минута, а овој гол беше првенец за младиот и надежен фудбалер на Новаци.

Ланскиот второлигаш Кораб кој ги загуби шансите за баражот, денес на Градскиот стадион во Дебар во одличен натпревар со многу моќ го декласираше тимот на Сатеска од Волино со високи 4:1.

На полувреме домаќинот имаше водство од 2:0 со погодоците на Амин Качалнику и Фатјон Леши. Во вториот дел Денис Ѓулиноски и Ерјон Кочи погодија за високи 4:0, а во финишот од мечот одигран во Дебар, Никола Секулоски постигна гол за конечни 4:1.

Во Грнчари екипата на Лирија со 2:0 го доби мечот со Кравари. Домашниот тим до трите бодови стигна со погодоците на Благоја Наумоски во 3. минута и Јонус Рустеми во 7. минута.

Демир Хисар и Јанг тим својот меч го одиграа три дена претходно, а трите бодови ги однесе домашниот тим, кој со 4:2 беше убедлив. Во првиот дел од мечот одигран на Градскиот стадион во Демир Хисар мрежите мируваа, а во вториот дел паднаа дури шест погодоци. Искусниот голгетер Стефан Каревски постигна гол за 1:0 во 48. минута, а веќе во 67. минута Александар Николоски погоди за 2:0. Следуваше намалување на предноста на домашниот тим, откако Јусуф Доко постигна гол за 2:1.

Каревски со втор гол во 86. минута погоди за 3:1, а по само една минута Атај Уљо намали на 3:2 и ја врати неизвесноста кај публиката. Сепак, во 90. минута Димитар Дамчевски погоди за конечни 4:2 и голема радост кај домашниот тим и домашната публика.