Башкими со триумф над Еуромилк, високи победи за Петровец и Куманово

Викендот се одиграа натпреварите од 24. коло од Третата македонска фудбалска лига – Север.

Вчера беа одиграни два натпревари, а сите останати беа одиграни в недела. БВК Коњаре на домашен терен со 3:2 го доби Маџари Солидарност. Домаќинот кој го загуби дербито со Башкими, а со тоа ги загуби и шансите за бараж за Втора лига, во саботата лесно стигна до трите бодови. Ристовски беше стрелец уште во 7. минута за водство на БВК Коњаре од 1:0 на полувреме. Во вториот дел Јовановски го израмни резултатот во 57. минута, а седум минути подоцна Бишевац повторно го врати водството за домашниот тим од 2:1. Одличната игра на домашниот тим продолжи и преку Хисмани во 75. минута резултатот беше 3:1. Во финишот од мечот Илиевски погоди за конечни 3:2.

ССК Нова на домашен терен стигна до триумф над Аеродром со резултат од 2:1, на натпревар каде трите погодоци беа постигнати во вториот дел. За домашниот тим Никола Димовски беше двоен стрелец, а Лука Недељковиќ беше стрелец за гостинот.

Останатите натпревари беа одиграни денес со што беше комплетирана 24-тата рунда од оваа натпреварување.

Лидерот на табелата во Третата лига – Север, екипата на Башкими рутински го доби некогашниот прволигаш Еуромилк во Горно Лисиче со резултат од 0:2, а двата погодоци беа дело на Ергин Шерифи.

Башкими веќе се подготвува за баражот кој води во Втора лига, со што освојувачот на Купот на Македонија од сезона 2004/2005 година ќе има можност по долги години да се врати во Втората македонска фудбалска лига.

Риниа на домашен терен беше подобра од Башкими Љуботен со резултат од 3:2. Во првиот дел паднаа четири погодоци за 2:2 на полувреме, а првиот до водство стигнаа гостите преку Исени во 17. минута. Радоста траеше кратко бидејќи Азизи погоди за 2:2 по четири минути игра. Мурати обезбедени нова предност во 29. минута од 1:2, а девет минути подоцна Таири повторно го израмни резултатот на 2:2.

Во вториот дел Ибраими беше стрелец на третиот гол за Риниа со кој обезбеди триумф за неговиот тим од 3:2.

Петровец на домашен терен славеше сигурен триумф над ланскиот второлигаш Кадино од 3:1. На полувреме домашниот тим имаше водство од 2:0 со головите на Тодоровски и Калач. Во вториот дел Стојановски погоди за 3:0 во 61. минута, а осум минути подоцна Наумовски беше стрелец на гол за конечни 3:1.

Куманово забелеша голем триумф над Раштак од 3:0, а трите погодоци беа постигнати во финишот од мечот. Никола Стевчевски во 77. минута стрелаше за 1:0, а седум минути подоцна Андреј Димиќ ја дуплираше предноста. Веќе во 89. минута Гоце Насковски погоди за конечни 3:0.

Мечот помеѓу Беса-Влазрими и Илинден не се одигра, бидејќи екипата на Илинден не се појави на теренот, откако официјалните лица и домаќинот чекаа 30 минути, по што овој меч домашниот тим го добива со службен резултат.