Училишната зграда на училиштето во село Таринци ќе се реконструира по половина век

Со 11 милиони денари преку Министерството за локална самоуправа, Општина Карбинци по 50 години ќе го реконструира училиштето во село Таринци. Проектот вклучува целосно подобрување на училишните услови, а ќе биде и можност да се промени стариот начин на затоплување и да се овозможи парно-греење. Реализацијата ќе започне со завршувањето на оваа учебна година, а градоначалникот, Виктор Паунов, најавува нејзино завршување до почетокот на следната учебна година.

„Проектот ќе значи реконструкција на едната училишна зграда со рушење и градење на нова училишна зграда со доградба на овие две стари истрошени објекти. Ова ќе го направи објектот енергетско-ефикасен со санитарни јазли во самиот објект, а ќе има и проширување, односно ќе биде изградена една нова училница, нова просторија, изградба на котлара во самиот објект за централно парно греење на целото училиште“, истакна Виктор Паунов, Градоначалник на Општина Карбинци.

Проектот е од особено значење за општина Карбинци и учениците во с. Таринци кои со реконструкцијата ќе добијат подобри услови за учење. Ваквото значење го истакнаа и градоначалникот Паунов и директорката на општинското училиште „Страшо Пинџур“, Наталија Костова.

„Ова е многу важен момент за ова населено место од причина што повеќе од 50 години е старо ова училиште и за првпат ќе се реконструира, доградува и проширува со своите капацитети. Село Таринци ќе добие ново училиште коешто ќе може да понуди, навистина, поинакви услови како што заслужуваат учениците и наставниот кадар“

„Ќе се реши нашиот децениски горлив проблем, ќе се овозможат услови за учење кои се карактеристични за 21. век“, истакна директорката Костова.

Договорот кој е потпишан со Министерството за локална самоуправа предвидува финансиски средства од 11 милиони денари, но целокупната финансиска рамка и колкаво ќе биде кофинансирањето од страна на Општината ќе се знае со објавувањето на јавната набавка.

Ребека Спасова М-Нет