
Со Свечена седница, по пауза од четири години, Клиничката болница во Штип го одбележа Светскиот ден на здравјето. Директорот, д-р Ален Георгијев, во својот говор даде видување за тоа како здравствените работници, лекари, медицински сестри и помошен персонал, се справуваа со пандемијата, но и со енергетската криза, а ги посочи и предизвиците на болницата. Беше прочитана и пораката за денешниот ден од Светската здравствена организација.
„Доделуваме јубилејни признанија на нашите вработени за 10, 20, 30 и 40 години за нивната непрекината работа. Воедно ќе ги испратиме пригодно и сите пензионери кои минатата година заминаа во пензија. Доделивме и постхумни признанија за наши вработени, коишто ја загубија битката со короната во изминатиот период“, вели Георгијев.
Освен за вработените, се доделија и признанија за компаниите кои помогнале за Болницата и пациентите. Во однос на предизвиците, Георгијев посочи дека очекува позитивен одговор од Министерството за финансии за вработување на вкупно 48 лица. Инаку болницата од почетокот на годината работи со сто вработени помалку, кои заминаа во пензија, но и во приватното здравство.
„Јас искрено се надевам и чекам во секој момент тие барања кои ги упативме пред месец, месец и половина и коишто во моментов се во Министерството за финансии ќе бидат позитивно одговорени и во многу бргу време ќе ги добиеме новите вработени“, рече Георгијев.
Во изминатата година во КБ Штип е набавена нова современа медицинска опрема, а покрај тоа што има недостаток од кадар, Георгијев потенцираше дека не се откажуваат хируршките интервенции.
Ребека Спасова М-Нет