
Девојче од кочанското основно училиште „Малина Попиванова“ било омаловажувано од страна на наставничката, бидејќи носело шамија. Ова како реакција дојде од страна на граѓанското движење АВАЈА од каде велат дека информацијата ја добиле од родител. Родителот објави и видео на социјалните мрежи, каде вели дека отишол да разговара со директорот, но откако не го нашол таму, зборувал со психологот од кого побарал да му бидат укажани причините поради кои не може неговото дете да посетува настава со шамија. Откако не добил одговор, тој вели дека бил турнат од страна на психологот и отстранет од училиштето.
„Девојчето е со шамија и држи пост и наставничката ѝ велела секојпат да ја извади шамијата на часот и дека не била стара жена за да носи шамија. Ќерката ѝ рекла дека пости 12 часот и да ја остави барем овој месец да ја носи шамијата. Детето дојде дома и ми кажа, а денес пак се повтори истата слика. Си дојде детето дома и пак се пожали. Јас ја зедов ќерката со мене, бев во училиштето, во „Малина Попиванова“, го барав директорот на училиштетото, тој не беше таму“, истакна родителот“, истакна родителот.
Од АВАЈА најостро го осудија случајот на дискриминација по верска и етничка основа и бараа да се испита целиот случај. Посочија дека ќе достават претставка до Народниот правобранител, а случајот ќе се пријави и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
„АВАЈА најостро го осудува овој случај на дискриминација по верска и етничка основа и бара да се испита целиот случај од страна на Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат и Општина Кочани и да се преземат соодветни чекори за решавање и санкционирање на лицата вклучени во омаловажување и малтретирање на ромското девојче. Слободата на религијата е загарантирана со Устав и закон, а дискриминацијата врз основа на религија е забранета и од тука произлегува дека институциите мора да ги почитуваат законите и да ги почитуваат начелата на религиска толеранција.“ – велат од граѓанското движење АВАЈА.
Директорот на училиштето, Благој Петров, потврдува дека тој ден не бил во училиштето, ама посочува дека ситуацијата е излезена од контрола. Вели на часот немало никаква дискриминација, ниту притисоци или закани.
„Девојчето не е ни понижувано, туку само е прашано од страна на наставничката дали може да ја тргне шамијата за да биде на часови, бидејќи имало реакции од ученици и други вработени. Инаку, ниту е исфрлено од часови, во петок се беше цел ден на часови, воопшто немало закани дека ќе се исфрли од училиште или дека нема да посетува настава. Досега имавме и од Министерството, запознаени се, разговаравме со нив и со други невладини организации“, истакна директорот, Благој Петров.
Ситуацијата дополнително се увидува во разговор со засегнатите институции и останува истите да утврдат дали имало верска дискриминација.
Ребека Спасова М-Нет