
Нова тротоарска површина добива улицата „Д-р Слободан Јовановски“ во Штип на потегот до Камениот мост. Потегот ќе добие целосно уредување со тоа што ќе се работи и на осветлувањето, бидејќи ова е едно од потребите и барањата на граѓаните. Активноста се спроведува преку ресурсите на ЈП „Стипион“.
„Откако ја нотиравме потребата, одлучивме на потегот од Камениот мост до новиот објект на „Штип Сити Мол“ да поставиме нов тротоар, нови тротоарски површини за пешаците коишто го користат овој потег овде. Одлучивме преку ЈП „Стипион“ во деновите што следат да се изработи оваа тротоарска површина, а дополнително и да се осветли целиот овој потег“, истакна Јорданов.
Директорот на ЈП „Стипион“, Кирил Зајков, пак, ги посочи техничките спецификации на тротоарската површина и напомена дека активностите ќе бидат завршени во текот на следната седмица.
„Тротоарот е со должина од 80 метри, ширина од 160 сантиметри, целата финансиска конструкција е околу 420.000 денари. Активностите започнаа пред три дена и наша проекција е дека истите ќе бидат завршени во текот на наредната недела, најдоцна до среда.
Овој дел од градот доби тротоарско решение пред година и пол, кога кај СРЦ „Брегалница“ беше поставен тротоар со должина од повеќе од 1000 метри и финансиски средства од над еден милион денари. Во изминатиов период ЈП „Стипион“ работеше на тротоарски решенија и во други населби од градот, а градоначалникот Јорданов посочи дека на ова ќе се работи и во претстојниот период секаде каде што има потреба.
Ребека Спасова М-Нет