
Младите се најнезадоволни од образованието, безбедноста и вработувањето. Во овие три сектори тие имаат големи очекувања за услови и поволности од страна на државата. Ова го покажале дискусиите организирани од страна на Агенцијата за млади и спорт по основ на креирање на новата Национална стратегија за млади преку работни средби и дискусии, од кои една денес се одржа и во Штип.
„Најмногу има очекувања во делот на образованието и не се задоволни од ситуацијата во образовниот систем и тоа што го добиваат од нашево образование. Исто така многу се загрижени во делот на безбедноста, нивната безбедност во државата во која било сфера, дали сајбер-безбедноста, булингот, животната средина, како и тоа што во последно време сме сведоци на најави за бомби и терористички напади, исто така и во делот на вработувањето и претприемништвото, очекуваат поголеми услови и поволности од страна на државата за да може да си ги остварат нивните желби во претприемништвото и вработувањето“
Младите во Штип дискутираа по драфт-верзијата на третата Национална стратегија за млади на Агенцијата за млади и спорт. Целта на ваквите локални средби е да се слушнат потребите и проблемите во областите како што се младинска работа, образование, здравје, вработување и безбедност на младите.

„Ова што се случува денес во Штип и истовремено во Битола е втората фаза од изработката на Националната стратегија за млади, што претставуваат локални дискусии по драфт-текстот на Националната стратегија за млади. Вакви локални дискусии ќе се одржат уште во шест општини, коишто би биле регионални дискусии за да ги слушнеме потребите, проблемите и очекувањата на младите не само од град Скопје, туку и од другите општини. Стратегијата опфаќа седум области, тоа се: младинско учество, младинско информирање, младинска работа, образование, здравје, поддршка пред вработување и претприемништво и безбедност на младите во која било сфера“, истакна Гордана Цекова, раководител на секторот Млади во Агенцијата за млади и спорт.
Ваквата активност овозможува младите сами да ги дефинираат проблемите и да ги бараат замислените потреби и решенија. Ова е трета по ред Национална стратегија со траење од пет години, а е обврска по Законот за младинско учество и младински политики донесен во 2022 година.
Ребека Спасова М-Нет