Балансирана храна е клучот за време на постот и по завршувањето на истиот – советуваат лекарите

Да постиш, не значи да не се храниш здраво – велат лекарите за велигденскиот пост. Д-р Валентина Митрова, специјалист по општа и семејна медицина вели дека она што е му е потребно на организмот може да се најде и во растителните производи, а не само во оние од животинско потекло, кои не се консумираат во овој најригорозен пост по црковните канони.

„Зеленчукот, од една страна, овошјето, меѓутоа има и замена. Значи, она што го има во млечните производи, знаеме дека на пазарот има многу замени, млеко од соја, оризово млеко, бадемовото, замена на сирењето и на другите млечни продукти го има во тофу сирењето, коешто е направено од соја, тука се јаткастите плодови. На тој начин ќе ја добијат онаа енергетска, калориска вредност којашто е потребна“, вели д-р Митрова.

Постите, според лекарите, имаат и медицинско оправдување и тие ги препорачуваат, бидејќи претставуваат еден вид детокс на организмот. Сепак, кај одредени групи граѓани постот воопшто не е препорачлив, а особено треба да внимаваат оние кои имаат здравствени проблеми.

„Оние што имаат здравствени проблеми, меѓутоа се решени да постат, секако, пред сѐ не треба да ја прекинат терапијата којашто им е ординирана од специјалистите. Знаеме дека старите и болните лица и трудниците не се препорачува да постат, затоа што им е потребна една балансирана и правилна исхрана“, вели д-р Митрова.

Периодот пред постот иако треба да вклучува подготовка, сепак организмот нема да добие толкав шок кога ќе започне постот. Затоа, пак, вели д-р Митрова, важно е прилагодувањето по завршување на постот, кога луѓето и барале лекарска помош поради прејадување, панкреатит, воспалување на жолчката и слично.

„Можеби, пред постот не е толку шок, ќе му дојде еден вид добро на организмот, затоа што ќе настане едно чистење. Меѓутоа, влегувањето од периодот на пости во нормална исхрана знаеме дека може да биде еден шок на организмот, затоа што обично настанува празник – Велигден, кога нашата трпеза изобилува со калориска храна и може да дојде до несакани ефекти“, посоува таа.

„Храната треба да биде лек, а не лекот храна“, е девизата која ја посочува д-р Митрова. Клучот е во балансираната храна и за време на постот и по завршувањето на истиот.

Ребека Спасова М-Нет