Булдожерот со кој работи Серафимов од Кочани во очајна состојба, стар 20 години и пред распаѓање

Грее, едвај се движи, нема сила, стар е повеќе од 20 години, вака вработениот во КЈП „Водовод“ – Кочани, Гоце Серафимов, го опишува возилото со кое работи секојдневно. Булдожерот кој треба да го чисти ѓубрето на градската депонија во Кочани е во очајна состојба, не ја врши својата функција, а дополнително е ризик да се работи секојдневно со него.

„Имаме проблем со булдожер, немаме добро возило булдожер, опремено за да ја турка оваа градска депонија. Тука има ѓубре од сите села и околни општини, а има луѓе кои собираат пластика или железо, ама се случува да ја запалат и си имаме проблем и со село Бели и со градот. Тој булдожер кој го имаме е стар 20 години и е пред распаѓање, од Титовото време, никаков е.“ – вели Серафимов.

Серафимов подолг времеснки период е вработен во ова јавно претпријатие, вели се сменија неколку директори, ама никој не презема мерки за решавање на овој проблем. Сите ветуваат дека возилото ќе се поправи, ама веќе 20 години ново возило нема. Бара од надлежните да регираат, да му обезбедат соодветни услови за работа, бидејќи со стариот булдожер ем трпи работата ем е опасно за вработениот.

„Реагиравме неколкупати на директори, на шефови, сменија се сто директори, никој до сега не мрдна со малото прсте. Бадијала се и партии, кој и да дојде на власт значи само вика ќе направиме, јас се мачам, а повеќе ми чаде во носот отколку надвор.“ – додава Серафимов.

Каква е ситуацијата со возниот парк во КЈП „Водовод“ – Кочани, конкретно со посоченото возило одговор побаравме од претпријатието. Од таму во телефонски разговор за М-Нет телевизија велат дека се запознаени со ситуацијата. Додаваат дека треба да се отвори новата регионална депонија во Свети Николе и тогаш ваков болдужер нема да и е потребен. Проектот кој тапка во место ги става во незавидна ситуација и останатите јавни претпријатија, а не само кочански Водовод. Велат дека во моментот не може да купат ново возило, без пари, а со тенденција да се стави во функција регионалната депонија и да немаат потреба од истото.

Лаура Стојанова М-Нет