
Пазарот во Кочани е еден од наjлошите во Истокот, потенцираа денеска продавачите на пазарот во Кочани. Велат покрај тоа што не е покриен, нема елементарни услови за продажба на храна, нема вода, тоалет, ништо што впрочем и е потребно на продавачите. Апелираат до Oпштината и надлежните да преземат мерки и да го средат просторот каде се нуди храна за граѓаните.
„Цените кои се многу важен фактор за нашите граѓани се речиси лански и по мерка на џебот на граѓаните. Ама за жал Кочани е еден од најлошите пазари во Источна Македонија, бидејќи нема основна пазарна инфраструктура. Покрај тоа што пазарот не е покриен, нема елементарни услови, нема ни вода “ – велат продавачите.
Во однос на раздвиженоста, посетеност имаше, ама не и побарувачка. Цените останале лански, велат произведувачите на овошје и зеленчук, бидејќи луѓето немаат пари, па се обидуваат да ги прилагодат цените на нивниот стандард.
„Средно, средно пазарот, нема народ можеби заради ладното, средно. Цените се исти, јаболкото е од 20 до 40 денари за килограм“ – додаваат продавачите.

Бидејќи не им е сезона скапи се доматот и краставицата, ама граѓаните велат купиле по малку, бидејќи се подготвуваат за големиот празник Прочка. Велат се подготвуваат и покрај тоа што дел од производите држат висока цена.
„Денеска си купив портокали, краставици, патлиџани, марула. Прочка иде, ќе дојдат децата, ќе треба да направеме нешто за јадење. Леблебијата богами скапа е 300 денари килограм. Краставица речиси и да нема и цената е 160 денари килограм.“ – велат купувачите.
Денеска на пазарот во Кочани се нудеше овошје и зеленчук со добар квалитет според продавачите, а имаше избор согласни се купувачите. Ова впрочем е последниот пазар пред Прочка во Кочани, но побарувачката не е празнично задоволителна.
Лаура Стојанова М-Нет