Панихида за загинатите борци во организација на Здружението „Мирка Гинова“ од Штип

Панихида за паднатите борци, жртви од граѓанската војна во Егејска Македонија организираше Здружението „Мирка Гинова“ од Штип. Настанот се одржа во црквата „Св. Константин и Елена“ во населбата Балканска во Штип, а историски сеќавања сподели историчарот и директор на ООУ „Гоце Делчев“, Зоран Митев.

„Во организација на Здружението „Мирка Гинова“ денеска го одбележуваме денот за паднати борци и жртви од Егејска Македонија. Овој настан за Здружението и за сите Македонци коишто постојат. Овие борци се загинати во Егејскиот дел на Македонија, особено во околија Воденско, село Пожарско и затоа ние сме должни, аманет имаме да го одбележиме овој ден“, истакна Стојан Димков, претседател на Здружението „Мирка Гинова“ – Штип.

Вакви и слични активности Здружението организира во текот на целата година за сеќавање на жртвите и паднатите борци, а на овој настан присуствуваа и здруженија од Кочани и Свети Николе.

„Покрај сето тоа, Здружението организира и многу други настани, како што е Егејската вечер и други настани во Пиринскиот и Егејскиот дел во текот на целата година“, додава Димков.

На настанот свежо цвеќе положија градоначалникот и претставници од Општина Штип, претставници од политичка партија и претставници од Здружението бна пензионери на Штип и Карбинци.

Ребека Спасова М-Нет