Пет дена рок дава Синдикатот на Македонска пошта за договор, во спротивно протест и штрајк

Пет дена рок почнувајќи од денес дава Синдикатот на Македонска пошта на Владата да ги реши ситуациите во Друштвото. Ако нема разговор и договор, ќе преземат порадикални мерки и ќе организираат протести и штрајк. Ова како информација беше соопштено на прес-конференција од страна на претседателот на Синдикатот, Боро Велигденов.

„Првенствено, бидејќи Македонска пошта е во 100% сопственост на државата, ќе бараме средба со Владата, односно Министерството, и рокот би бил не повеќе од пет дена со оглед на сериозноста на состојбите во кои се наоѓаме. Во текот на денешниот ден ќе изготвиме барање за разрешница на состојбите. Како што сите знаеме, ќе ги преземеме сите законски мерки и механизми за заштита на нашите работнички права, организација на протести и штрајк“, додава Велигденов, претседател на Синдикатот на Македонска пошта.

Сериозните проблеми и финансиската криза во која се наоѓа Друштвото, ги предизвикаа вработените да го кренат гласот за подобрување на состојбата, вели Велигденов. Тие стравуваат како следниот 15. ќе земат плата, имајќи предвид дека јануарската ја добија во петокот, а за истата Македонска пошта зеде и заем.

„Бидејќи се соочуваме со сериозни проблеми и сериозна финансиска криза на Друштвото, како што спомнав, платата за месец јануари ја земавме со задоцнување од законскиот рок, со заеми за да се исплати плата, со тоа што генерираме намалени приходи и работиме со загуба и со тоа стравуваме. Еве, 15 март ќе дојде набрзо, како ќе обезбедиме ние средства со вакво работење, со ваква организација и приходи да обезбедиме плата за нареден период“, истакна на прес-конференција Боро Велигденов.

Од Синдикатот велат дека и покрај сите проблеми, Македонска пошта распишува оглас за нови вработувања во администрацијата, каде има превработеност, и тоа за работни места кои, според нив, може да се пополнат со внатрешно прераспоредување. Ситуацијата во Друштвото, потенцираат од Синдикатот, ја загрозува егзистенцијата на над 2000 вработени, колку што во моментов има Македонска пошта.

Ребека Спасова М-Нет