
Со субвенционирање на сметките за струја од 600 до 800 денари продолжува Министерството за економија и оваа година. Јавниот повик за аплицирање беше објавен на 27 јануари и ќе трае до крајот на месецов. Оваа година е зголемен прагот на вкупни приходи кои ги остваруваат домаќинствата, а воведени се и нови категории на домаќинства коишто ќе можат да ја искористат оваа мерка. Граѓаните кои минатата година добија субвенционирање на сметките на електрична енергија, ќе треба повторно да аплицираат на јавниот повик за повторно да добијат субвенција.
„Финансиска поддршка ќе се доделува на лица доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот и тоа:
-19.000 денари за самец;
-25.000 денари за домаќинство со два члена;
-30.000 денари за домаќинство со три члена;
-36.000 денари за домаќинство со четири члена;
-43.000 денари за домаќинство со пет члена и повеќе.
Согласно програмата за самец со приходи до 19.000 денари; за домаќинство со два члена до 25.000 денари; за домаќинство до три члена до 30.000 денари намалувањето на сметката ќе биде 600 денари, додека за домаќинство со четири члена со приходи до 36.000 денари; и за домаќинство со пет члена и повеќе члена до 43.000 денари намалувањето на сметката ќе биде 800 денари.“ – стои во соопштението од Министерството за економија.
Оваа мерка годинава е проширена со други социјално ранливи категории на лица како што се корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители кои не се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на надомест за телесно оштетување. Исто така, новина е што доколку овие домаќинства направат заштеда на електрична енергија од 10% споредено со истиот период минатата година, тогаш ќе имаат дополнително 200 до 300 денари намалување на сметката за електрична енергија во зависност од категоријата.
Ребека Спасова М-Нет