
Откажана преставата од бугарскиот театар која требаше утре да се прикаже пред публиката во Штип. Според директорот, Горан Трајков, причината е старото и дотраено парно греење во штипскиот театар кое деновиве не работи и заради тие причини преставата е откажана. Вели, се бараат делови за да поправка на парното, за да не се откажат и останатите престави, надевајќи се дека до осми месецов истото ќе биде поправено.
„Причините се тие, имаме проблем со парното. Од 1970 година до денес парното не е репарирано и дојде до својот крај. Работиме да најдеме резервни делови, ама делови на лагер нема, очекуваме стари делови да најдеме и да почнеме со програмата. Се извинувам на публиката и се надевам дека проблемот ќе се надмине“ – вели Трајков.
Освен во Штип, оваа претстава требаше да се игра и во Струмица и Битола, но откажана е и за таму. Ама Трајков е дециден, уверува дека политика во ова нема и единствен проблем е парното греење.
„Нема политика во откажувањето на преставата, јас не можам да предвидам. Нашиот мајстор кој е надворешно лице, кој го одржува парното ни кажа дека не се одржувало со години и парното може да откаже во кој било период“ – додава Трајков.
Засега е откажана само оваа престава со тенденција парното да биде поправено и да се реализира преставата закажана за осми февруари. Трајков потенцираше дека граѓаните прават само резервации, а не купуваат карти. Вели дека за поправака на парното сега се потребни над 57 илјади денари.
Лаура Стојанова М-Нет