
Со забрзана динамика се работи на пристапниот пат до филтер станицата во општина Карбинци, вели градоначалникот, Виктор Паунов. Приклучувањето на ХС Злетовица требаше да се случи до крајот на минатата 2022 година, ама пречките помеѓу инвеститорот и изведувачот, коишто требаше да склучат договор за комплетирање на целиот проект се надминаа дури пред нешто помалку од еден месец. Изградбата на пристапниот пат започна на почетокот на оваа година, пред десетина дена.
„Она што го имавме како пречка во имплементацијата минатото лето е од страна на Министерството за земјоделство, каде што изведувачот од инвеститорот го доби договорот пред неполн месец, така што изградбата е веќе во тек и од увидот што го направив во последните денови се работи, навистина, брзо и ефикасно. Очекувам до крајот на месец февруари или почетокот на месец март да биде завршен тој пат и сите околни активности околу патот за да може веќе да побараме и добиеме употребна дозвола од страна на Министерството и, конечно, напролет да ја вклучиме оваа вода од ХС Злетовица кон осумте населени места во општина Карбинци.
Општина Карбинци и ЈП „Плачковица“, пак, веќе го имаат завршено својот дел со тоа што ги имаат направено сите испитувања на водата. Кога пролетва би се приклучила на ХС Злетовица, Карбинци не планира да се откаже од бунарскиот систем, туку неколку населени места ќе се снабдуваат со комбиниран систем за водоснабдување. Вода од Злетовица карбинчани, конечно, ќе пијат по три години, откако целиот процес започна во 2020 година со изградбата на филтер станицата. Како и останатите општини, така и Карбинци очекува дополнително намалување на сметките за електрична енергија по приклучувањето, меѓутоа засега олеснување е тоа што ЈП се снабдуваат преку регулиран пазар.
Ребека Спасова М-Нет