
Нова скијачка сезона, на Пониква стари проблеми. На туристичкиот центар викендов буквално вриеше од посетители, кои за да стигнат до Ски лифтот 1 морало да пешачат најмалку три километри. За оние кои стигнале со автомобил до горе, пак, на враќање друг проблем – отежнато одвивање на сообраќајот. Паркираните автомобили на терен беа дури на Аеродромот, но и неколку километри под него, што беше причина патниот правец кон Пониква да биде блокиран на едната лента. Тоа го отежна одвивањето на сообраќајот во двата правци, бидејќи патот е премногу тесен за да може да минуваат и оние кои се упатиле кон Пониква, и оние кои се враќаат од таму. За оние кои тргнале од ски лифтот со автомобил кон Кочани, да излезат од гужвата им требало од 20 до 30 минути. Колоната паркирани возила беше во должина од два до три километри, а сообраќајот го регулираа полициски службеници.
Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, вели дека со проблемот е запознаен, а на прашањето дали конечно ќе се преземе нешто за паркинг капацитетот на Пониква вели дека денес одржале колегиум и планираат конкретни мерки.
„Со проблемот сум запознаен, и во саботата и во неделата беше тешко да се најде паркинг место на Пониква и тоа е голем проблем за посетителите. Ние денес одржавме колегиум и ќе се обидеме да преземеме мерки за да ја подобриме ситуацијата. Проблемот е најголем за викендите, па во сабота и недела во координација ќе регираат ОВР Кочани, Зимската спасителна служба и Доброволното противпожарно друштво од Кочани, кои ќе ги посочуваат паркинг местата и ќе даваат соодветни насоки за полесно одвивање на сообаќајот.“ – истакна Папазов во телефонски разговор за М-Нет Телевизија.
Инаку, вчерашното сончево време и снегот кој конечно го има на Пониква оваа зима викендов привлекоа голем број посетители од Кочани и другите градови во Истокот, но и од градови во другите региони на државата, како Скопје, Куманово, Неготино, Велес, Струмица. Скијачката сезона на Пониква доцнеше, односно започна минатиот викенд, кога во функција беше пуштен ски лифтот 1. Во туристичкиот ценар зголемен е и бројот на сместувачките капацитети и локалите, кои исто така беа полни овој викенд. За разлика од проблемот кој се јавува на барем три километри од Пониква, остатокот од патот Кочани – Пониква е чист и прооден за возила, со што не се јавува дополнителен проблем за посетителите.
Ребека Спасова М-Нет