Истокот се подготвува за празникот Богојавление – Водици, светиот крст ќе се положи во водите

Општините од Истокот се подготвуваат за празникот Богојавление – Водици, на кој ќе се осветат водите и заинтересирани граѓани ќе скокаат во водите по светиот крст. Во Општина Карбинци, како и минатата година, крстот ќе се фрла на три места. Градоначалникот, Виктор Паунов, повикува на масовност, а за пријавување оставени се соодветни контакти на официјалната страница на Општината.

„Традиционално и оваа година ќе се организира на три места, тоа се добропознатите локации: во село Долни Балван кај мостот, во село Карбинци, во река Брегалница и во селото Таринци, каде минатата година организиравме за првпат, а ќе продолжиме и оваа година. Порачувам да се пријават сите оние коишто сакаат да учествуваат, но да порачам и да си направат здравствени прегледи, затоа што безбедноста е на прво место, а очекувам да има масовна излезеност од страна на жителите за да го одбележиме овој празник со желби за здравје, успех и успешна година“, истакна Паунов.

Во Пробиштип, пак, крстот ќе се фрла во Аква паркот, а претходно и во Злетово, каде традицијата наложува по крстот да скокаат само младоженци кои минатата година стапиле во брак. Градоначалникот на Општината ќе биде присутен на двете места и на оние кои го фатиле крстот, ќе им подари златник, велат од Општината. Пријавувањето е во црквите во Пробиштип и Злетово и се врши секој работен ден, почнувајќи од денеска, па до 18 јануари, во периодот од 09 – 16 часот.

„По повод верскиот православен христијански празник „Водици“ на 19.01.2023 година (четврток), во Злетово, со почеток во 7:30 часот, на местото викано „Пешка“ и во Пробиштип, со почеток во 11:00 часот, на Аква паркот, ќе се одржи Манифестацијата „Чествување на Водици“ на која ќе се осветат водите во Злетовска река и во градскиот базен каде ќе се капат голем број на наши сограѓани во потрага по светиот крст. Во Злетово литургијата во црквата „Пресвета Богородица“ ќе започне во 6 часот, а во Пробиштип во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ ќе започне во 8 часот. По завршување на литургијата од двете цркви со литија капачите и граѓаните ќе дојдат до местото на настанот каде ќе се изврши осветување на водите и фрлање на светиот крст.“ – стои во соопштението од Општина Пробиштип.

Светиот крст во Кочани ќе се положи во водите на Кочанска река во Градскиот парк, а во Штип на две локации, во штипско Ново Село и кај мостот во населба Осми ноември, идентично како и претходните години.

Ребека Спасова М-Нет