БВК Коњаре со неколку квалитетни засилувања ќе атакува на историски пласман во Втора лига

Третолигашот БВК Коњаре е клуб со седиште во село Средно Коњари и кој гравитира на територија на општина Петровец. Клубот се залага за афирмација на спортот, но пред се фудбалот. По само една година од своето постоење обезбедува пласман во Трета лига – Север и ги поставува своите високи цели, пласман во Втората македонска фудбалска лига.

БВК Коњаре имаше повеќе од успешна полусеозна, откако по 15 одиграни натпревари има 12 победи, едно реми и два загубини натпревари со гол разлика од 43 постигнати погодоци и само 12 примени. Одлична статистика за еден клуб кој што атакува за пласман во Втора лига. Клубот функционира многу професионално, играчкиот кадар беше и е составен воглавно од играчи кои што настапувале во некои од клубовите од Втора лига но и од младинските школи на Вардар, Шкупи, Работнички.

Стартот на подготовките е закажан на почеток од вториот месец со оглед на тоа дека пролетниот дел од сезоната ќе започне на 12. март.

Од клубот за телевизија М Нет велат дека се свесни дека главниот конкурент за влез во Втора лига е екипата на Башкими од Куманово. Тоа е клуб со голема традиција, кој располага со одлични услови, со младинска школа, и клуб кој што имаше одлична полусезона како и БВК Коњаре. Башкими е на врвот од табелата во Трета лига – Север, но има ист број на бодови како и второпласираниот БВК Коњаре.

Башкими е поранешен освојувач на Купот на Македонија и тоа максимално го почитуваат од БВК Коњаре, но сите овие работи им даваат големо значење дека може БВК Коњаре да се спротивстави на еден таков клуб. Како и пред самиот почеток на сезоната, така и сега, амбициите остануваат исти и со сите сили ќе се обидат да го израдуваат пред се’, едно мало село со 250 куќи но и цела oпштина Петровец.

Што се однесува до играчкиот кадар на екипата, во пролетниот дел БВК Коњаре ќе влезе освежен на неколку позиции со млади играчи кои што ќе се придружат на клубот, но и со неколку искусни кои што во актуелната сезона настапуваат во Втора лига.

Финансискиот буџет на клубот е стабилен. Општина Петровец е столбот на овој третолигаш, а од клубот се благодарни на поддршката која што во изминатиот период клубот ја добиваше од општината. БВК Коњаре финансиски исто така е помогнат од неколку успешни компании на териотрија на општина Петровец, но и многу иселеници кои што сега живеат надвор од државата.

Од БВК Коњаре се надеваат дека сезонава ќе успеат да обезбедат место во баражот и со тоа да станат дел од Втората македонска фудбалска лига.