
Бадниковата поворка по двегодишна пауза на 6 јануари ќе се движи низ штипските улици. Релацијата е од Градската црква „Свети Никола“ во Штип, преку улицата „Маршал Тито“ до Плоштадот „Слобода“. Жолтите ѕвезди, пештерата и песната „Вечниот Бог“ ќе ја најават Радосната вест – Христовото раѓање.
„По неколкуте одржани проби за пеење на песната „Вечниот Бог“ во текот на месец декември 2022 година и по неколкуте успешно реализирани креативни работилници за изработка на Божиќни ѕвездички ги најавуваме Бадниковите поворки во Штип. Со радост ја најавуваме Бадниковата поворка во Штип, така што ги повикуваме сите деца, младинци, родители, старатели и останати членови на нивните семејства, со тоа што на 6 јануари 2023 година, во Соборниот храм „Свети Никола“, точно во 10 часот ќе биде збирното место“, истакна Милена Ристова-Михајловска, регионален координатор за Брегалничката епархија.
Во рамки на Бадниковите поворки ќе се реализира и хуманитарна активност преку донација и собирање на хуманитарни пакети со храна, облека и хигиенски средства, кои пред празниците ќе бидат доставени до наши сограѓани на кои тоа им е најпотребно.
„Во текот на утрешниот ден, во дворот на Црквата „Свети Никола“ или поточно, на 4 јануари, во периодот од 08:00 до 16:00 часот, ќе биде поставен хуманитарен пункт за донации, така што ги повикуваме сите хумани граѓани, претставници на бизнис заедницата, да ги остават своите хуманитарни пакети со храна, облека и хигиенски средства во дворот на Црквата, така што сите тие хуманитарни пакети преку Бадникови поворки веќе на 5 јануари ќе бидат дистрибуирани до сите оние семејства на коишто тоа им е најпотребно
Годинава во поворката ќе се вклучат и дечиња од Карбинци со тенденција Бадникова поворка догодина да има и таму. Бадниковите поворки се подготвуваат во сите општини под Брегалничка епархија, а во Штип оваа година се реализираат активности шеста година по ред.
Ребека Спасова М-Нет